Со големи амбиции и сериозен план за развој на женскиот ракомет во Македонија, стартува новиот клуб Атлетик.

Со веќе докажани ракометни имиња, како во оперативниот така и во стручниот дел на клубот, новата скопска екипа ќе биде со седиште во Општина Аеродром.

„ЖРК Атлетик има за цел да игра водечка улога во развојот на младите талентирани ракометарки во Македонија. Преку соодветни и правилни тренинзи, модерни методи и однапред дефинирана програма на функционирање, клубот се стреми да биде расадник на голем број идни репрезентативки на нашата држава.

Со вклучување на млади и амбициозни поранешни репрезентативци, а сегашни ракометни работници, ќе создадеме здрава средина на вистински спортски вредности, без фаворизација, со еднаква можност за докажување на теренот и надвор од него.

Како се ова би го направиле и реализирале на најпрофесионално и највисоко ниво, структурата која ќе го овозможи сето тоа се состои од следниве лица, кои забележале доста значајни успеси како на тимско поле, така и на репрезентативно.“

Клубот ќе биде раководен од Претседателот, Горан Стојков. Неговата сопруга Ана, некогашната репрезентативка и директорка на Вардар, ќе биде извршен директор. Во административниот дел е вклучена и Инна Суслина.

“Со големо задоволство ви го најавуваме проектот кој го смисливме со многу голема љубов и желба, проект за кој веруваме дека ќе биде нешто посебно во женскиот ракомет, клуб на кој сите ќе бидеме горди.

Стекнатото искуството во Европскиот женски ракомет преку најелитното натпреварување во Европа, ЕХФ лигата на шампиони во годините наназад заедно со нашиот стручен тим на клубот ќе ни овозможи полесно да ги оствариме зацртаните цели со исклучиво наши Македонски играчи.

Целта е јасна, преку сите овозможени услови за работа да се создадат врвни ракометарки со кои достоинствено ќе ја претставуваме Македонија на Европска сцена“, вели Ана Стојков.

Во стручниот штаб повеќе истакнати имиња. Тренер ќе биде Татјана Хмирова, на која ќе и помагаат Ивана Велковска, Тања Андрејева и Дејан Пецаковски.

„Пресреќна сум што сум дел од овој прекрасен нов проект ЖРК Атлетик, клуб со позитивна и перспективна иднина и прекрасни луѓе.

Мислам дека имаме одличен тренерски колектив со свежи идеи и мисли, подготвен да даде 200% од себе.

Нè очекува многу работа, со нетрпение го очекувам почетокот на сезоната“, истакнува Хмирова.

 

Ивона Кимовска