Ракометарите на Алкалоид ја постигнаа 20-та победа во првенството откако вечерва во салата во Автокоманда го совладаа ГРК Охрид со 29:26 (17:12).

Со овој триумф тие на крајот од првиот дел од шампионатот се на третата позиција зад првакот Еурофарм Пелистер и Вардар, поради послабиот скор во меѓусебните дуели, иако трите екипи имаат по 40 бодови.

Дуелот од 22.коло против ГРК Охрид, Алкалоид го почна со 3:0, но со серија од 4:1 гостите стигнаа од водство од 5:4. Во прдолжението резултатот беше петпати нерешен до 8:8, кога домашниот тим со мини серија од 3-0 стигна до нова предност. Во финишот на првиот дел Алкалоид во последните 30 секунди постигна два гола и на полувреме беше 17:12. 

На стартот од вториот дел Охрид почна одлично и со серија од 6-1 стигна до изедначување откако ги казнуваше грешките на ракометарите на Алкалоид и во 39-та минута беше повторно нерешено 18:18. По 19:19 домашниот тим поторно прави серија од 3-0 и предноста ја зачува до крајот на дуелот. Во тие моменти тренерот Лазаров направи замена на голманската позиција и место Кизиќ влезе Трајкоски, кој до крајот имаше шест одбрани. Во последните 10-тина минути гостите од Охрид играа без својот најдобар играч Орјоникидзе (9 голови), кој се пожали на повреда (грч на листот од ногата). 

Најефикасен кај Алкалоид беше Серафимов со 8 голови.

Натпреварот почна со минута молк за загинатите од несреќата во Кочани.

Конечна табела по првиот дел:

Еурофарм Пелистер 40 бодови, Вардар 40, Алкалоид 40, Охрид 30, Тиквеш 25, Бутел 24, Пролет 17, Прилеп 17, МРК Куманово 10, Ф.Л.Борец 8, Струга 7, Радовиш 6.

Утре во просториите на РФМ ќе биде извршена ждрепката за плеј офот и плеј аутот.

На табелата во плејот-офот:

 Еурофарм Пелистер ќе стартува со 3 бодови, Вардар и Алкалоид со по 2, Охрид и Тиквеш со по 1, а Бутел без бод. Во плеј аутот со максимални 3 бодови ќе стартува Пролет, Прилеп и МРК Куманово по 2, Ф.Л.Борец и Струга 1 и Радовиш 0.

Натпреварите од првото коло од плеј офот ќе се играат на 2 и 3.април, а во плеј аутот првото коло е на програма на 5 и 6.април.