Најдобрата македонска фудбалска репрезентација, со победа ги почна циклусот на квалификации за Светското првенство 2026-та. Избраниците на селекторот Благоја Милевски попладнево во Вадуц, славеа над Лихтенштајн со 3-0.
Како што беше најавено, македонските фудбалери со црната комбинација го одиграа овој натпревар, во чест на трагично загинатите во кочанската несреќа.
И на трибините на стадионот „Рајн парк“, најголемиот дел беа македонски навивачи. И тие на свој начин изразија сочувство за 59-мината починати. Натпреварот разбирливо започна со едноминутно молчење.
Што се однесува до самиот меч, Македонија ја потврди фаворитската улога и ја впиша 11-тата победа во дванаесеттиот дуел против Лихтенштајн.
Победата беше најавена уште во седмата минута, а по акцијата во три потега. Се започна со петата на Елмас, па долгото додавање од својата половина на Алиовски, па асистенцијата на Миовски, за реализација на Трајковски и 1-0 за Македонија.
Во 42-та минута веќе беше 2-0 за Македонија. По корнерот од десната страна, на вистинското место беше Вислар Муслиу кој со ефектен волеј за затресе мрежата на домаќинот.
И во вториот дел избраниците на Милевски беа подобар противник и постојано ја контролираа играта. Во повеќе наврати се заканија кон противничкиот гол, а реализираа само еднаш. Тоа се случи во 85.минута кога Бојан Миовски погоди за конечни 3-0 за Македонија.
По овој натпревар македонските фудбалери се враќаат во Скопје каде во вторник на арената „Тодор Проевски“ ќе го пречекаат Велс.
Покрај овие две репрезентации, противници на Македонија во групата „Ј“ ќе бидат Белгија и Казахстан.
