Македонските тенисери Калин Ивановски во Пореч и Гораз Србљак во Аламинос ги загубија мечевите од првото коло на ИТФ турнирите што се играат за награден фонд од 15.000 долари. И двајцата на идентичен начин беа поразени од денешните ривали, откако имаа предност од 1-0 во првиот сет, мечот го загубија со 2-1 во сетови.
На турнирот во Пореч (Хрватска), Ивановски поведе против Стефан Поповиќ од Србија (6.носител) откако го доби првиот сет со 6:4 во гемови. Во вториот сет противникот изедначи добивајќи го сетот со 6:3 во гемови. Во решавачкиот сет му припадна на Поповиќ со 6:4 во гемови. Мечот траеше 2 часа и 7 минути.
На турнирот во Аламинос (Кипар) Горазд Србљак имаше одличен почеток и го доби првиот сет против Џанмарко Ортензи од Италија со 6:3 во гемови. Сепак ривалот успеа да направи пресврт и ги доби следните два сета со 6:3 и 6:0 во гемови.
Инаку, двајцата македонски тенисери за настап на главниот турнир мораа да ги минат и квалификациите, па така Ивановски имаше три победи, а Србљак две.
За двајцата продолжуваат мечевите и следната недела, Ивановски треба да има настап во квалификациите на Челинџерот во Задар, а Србљак останува на Кипар и ќе настапи во квалификациите и на Аламинос 2 турнирот.