Машката кошаркарска репрезентација на Македонија, вечерва ќе го одигра последниот натпревар во уште еден неуспешен циклус квалификации за Европското првенство.
Поразот од Естонија во петокот значеше и крај на надежите за Македонија повторно, а по пауза од 10 години, да биде дел од евробаскетот. Сега ќе чекаме најмалку четири (до следното ЕП 2029 година), а можеби и повеќе.
Така вечерашниот дуел со Полска која е еден од четирите ко-домаќини на Европскиот шампионат летово, ќе биде само чиста формалност. Дуелот ќе се игра во СЦ „Кале“ со почеток од 18.30 часот.
Инаку познати се и можните противници на македонските кошаркари во новиот, овој, претквалификациски циклус за Светското првенство 2027-ма.
За разлика од претходните во следниот ќе имаме и далеку поквалитетни противници. Хрватска, Украина, Бугарија, Холандија и Унгарија се селекции кои играа на претходниот Евробаскет, но како и ние, не се квалификуваа за претстојниот. Тие заедно со: Данска, Словачка, Австрија, Норвешка, Романија и Швајцарија, исто така ќе играат претквалификации.
Јасно е дека и претстојното лето, од 2 до 20 август, Македонија ќе има тешка задача да ја мине првата рунда. За да го стори тоа, ќе треба да не го избегне последното место. Имено, дванаесетте репрезентации ќе бидат поделени во четири групи од кои двете прво рангирани одат во следната фаза.