Последниот натпревар од 19.коло од Супер лигата се игра попладнево од 18 часот, лидерот на табелата Алкалоид гостува кај првакот Еурофарм Пелистер. Дербиот се игра во Битола, а влезниците за натпреварот беа продадени во текот на вчерашниот ден.
Ова е натпревар за да се реши каков ќе биде редоследот на екипите за плеј офот, односно кој тим колку бодови ќе има на почетокот на плеј офот. На првиот дуел во салата Автокоманда, Алкалоид победи со 32:25, што беше најубедлива победа на дуелите меѓу Алкалоид – Вардар – Еурофарм Пелистер. Победа на битолчани ќе значи дека сите екипи ќе имаат по две победи и два пораза со четири бодови и во таков случај меѓусебната гол разлика ќе решава за пласманот на првите три места, ако нема некое изненадување до крајот на лигашкиот дел (три кола).
Во однос на денешниот дуел Еурофарм Пелистер има неколку денови за подгововка откако последиот натпревар го одигра во четвртокот со Динамо Букурешт во Лигата на шампионите, додека Алкалоид во саботата го играше реваншот од Европскиот куп во Скопје и забележа и втора победа. Тренерот на Алкалоид Кирил Лазаров најави еден тренинг (одржан вчера) во пресрет на дуелот, додека Раул Алонсо со битолчани имаше повеќе време за подговока на дербито.
Оваа сезона Алкалоид има две победи над Е.пелистер откако на отворањето на сезоната во Супер купот во Гевгелија го совлада тимот од Битола со 33:30.
Натпреварот се игра во салата „Боро Чурлевски“ со почеток од 18 часот, а ќе го судат најдобрите македонски судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, додека улогата на делегати ќе ја имаат Драган начевски и Ацо Николовски.