Ракометарите на првакот Еурофарм Пелистер остварија висока и убедлива победа од 33:20 во дербито од 19.коло од Супер лигата.
Со овој триумф се изедначија бодовно на табелата со по 34 бодови, но со најдобра гол разлика во дуелите со Вардар и со Алкалоид. На дербито битолчани ги казнија сите грешки на ракометарите на Алкалоид и така стигнаа до високиот триумф.
Фуриозен старт имаше актуелниот првак и набрзина битолчани поведоа со 5:1, притоа Алкалоид првиот гол го постигна на истекот од петтата минута. Проблемите во нападот за Куп освојувачот Алкалоид продолжија и следните минути, па Еурофарм Пелистер поведе со 8:3 по 15.минути игра што беше знак Кирил Лазаров да побара тајм-аут бидејќи противникот за првпат поведе со највисоките пет разлика.
Во продолжението на првиот дел Алкалоид „фати“ ритам во нападот, но не намали под три разлика, во истиот период битолчани во неколку наврати поведоа со +5, а во последниот напад реализираше и за +6 (16:10). Но, мрежата на домашниот тим остана празна и Никола Маркоски погоди на празен гол за 16:11 на полувреме.
И почетокот на вториот дел почна во знакот на шампионот, па така во 37.минута Е.Пелистер поведе со +8 (21:13). Во 40.минута Лазаров повторно бара тајм-аут, но овојпат домашниот тим продолжи со цврстата одбрана предводена од Никола Митревски и во 45.минута Е.Пелистер стигна и до +11 (25:14) по серијата од 6-0. Во овој дел од натпреварот Алкалоид имаше сериозни проблеми во нападот, како со организацијата така и при ударите кон голот. Серијата без гол за Алкалоид ја прекина М.Митев откако конечно го совлада Митревски.
Алкалоид не успеа да ја искористи предноста и од двете исклучувања во редовите на домашните да го намалат водството, па Е.Пелистер во 53.минута поведе со 28:16 (+12). Во последната секунда Митревски погоди на празен гол за конечни 33:20 за највисоките +13.
Најефикасен на натпреварот беше Кузмановски со 11 голови, а Митревски запиша 12 одбрани (осум во вториот дел). Кај Алкалоид најпрецизен беше Серафимов со 8 голови.