Во шестото коло од плеј-офот од женската ракометна Супер лига Куманово го пречека тимот на Вардар. Кумановки славеа над екипата на Вардар со 26:22.
На почетокот на натпреварот се играше израмнето до 10-та минута, кога Куманово поведе со 6:4. Вардар се обиде да го израмни резултатот, но домаќините не дозволија. Куманово, постојано и стрпливо, ја зголемуваше предноста, а со серија од 5:1 на крајот на првото полувреме, ја изградија предноста од 14:8.
Во втората половина, Куманово имаше целосна контрола врз текот на натпреварот. Вардар, со серија од 4-0 во 41-ата минута, успеа да ја намали предноста на 17:12. Но, Куманово брзо возврати и повторно ја зголеми предноста на +7 (20:13). Вардарки не се предадоа и во 53-ата минута се приближија на 23:20, но не успеаја да израмнат. Куманово ја задржа контролата и не дозволи да стигнат, а конечниот резултат беше 26:22.
Сузана Зечевиќ со девет голови беше најефикасната во победничката екипа за која Сара Цветановска додаде шест. Кај вардарки девет голови постигна Леона Миленковска, Ива Трифуноска беше стрелец на четири, а Сара Богојеска на три.
Со оваа победа Куманово го мина Вардар на табелата, па кумановки сега се четврти, а вардарки петти.
Ивона Кимовска