Македонската кошаркарска репрезентација попладнево ќе патува за Талин, каде ќе го игра првиот од двата последни натпревари во квалификациите за Европскиот шампионат.

Таму во петок македонските репрезентативци ќе го играат можеби клучниот натпревар во овие квалификации, против домашната Естонија. Победа поголема од пет поени разлика е единствената опција за Македонија да остане во игра на Евробаскетот летово

Задачата нема да биде ни малку лесна, бидејќи Естонија ќе настапи во најсилен состав, а ќе има и голема поддршка од трибините.

Имено арената „ „Унибет“ е распродадена до последното место, што значи 7.000 Естонци ќе ги бодрат своите кошаркари.

На црвено-жолтите тоа им е јасно, но сепак во нашиот табор владее оптимизам.

„Одиме на две победи. Двете репрезентации ни се познати.

Со Естонија и во претходниот циклус имавме две средби така што мораме да победиме ако сакаме да играме на Европско првенство. Секако, напаѓачки сега сме доста подобри.

Имаме двајца плејмејкери кои можат да играат со топката.

Малку сме послаби на центарски позиции, меѓутоа ќе се обидеме да надополниме тоа. Секогаш сум тука за Македонија“,

вели Андреј Маслинко.

Дуел меѓу Естонија и Македонија ќе се игра во петок (21 февруари) со почеток од 18 часот.