Македонската кошаркарска репрезентација вечерва се собра во Скопје, каде ќе сработи мини подготовки за последните евро-квалификациски натпревари.

Нашиот најдобар играч во моментов, Ненад Димитријевиќ, не ја криеше желбата за успешен крај на квалификациите. За тоа на Македонија и се потребни две победи (Естонија и Полска), но и пораз на Естонија од Литванија.

Димитријевиќ ги нагласи адутите кои ги има противничкиот табор, но напомена дека нашиот состав ќе бие подготвен да одговори соодветно на нивната физички напорна игра.

„Естонија се незгодна екипа. И минатите квалификации имавме проблеми со нив, но мислам дека имаме доста квалитети, во некој налет да направиме успех и да направиме изненадување на нивниот терен.

Мислам дека сме подготвени и едвај чекам да дојде денот на натпреварот. Мислам дека двајцата (со Ти Џеј Шортс) сме добри играчи и дека може за два три дена да се навикнеме еден на друг и да направиме да функционира оваа врска за успех на репрезентацијата, што е најважно.

До натпреварот со Естонија ќе бидеме подготвени. Прво мислам дека треба да бидеме по физички подготвени.

Кошарката оди во тој правец, Естонија покажа дека е доста физичка екипа, што сака да трча и имаат играчи на секоја позиција, дури и евролигашки играчи.

Треба да бидеме подготвени за нивната енергија и нивната физикалност и да одговориме на тоа. Мислам дека тоа е најважно. Треба да одиме со помисла дека треба да победиме, не да чекаме што ќе се случи. Треба да излеземе од прва минута за победа.“ – заклучи Димитријевиќ.