Во недела стартува пролетниот дел во Првата македонска фудбалска лига. Уште на самиот старт на продолжението на сезоната ќе се игра дерби дуел.

На арената „Тодор Проевски“ во Скопје, Вардар ќе ја пречека тетовска Шкендија.

Гостите од Тетово ќе бидат без нивните навивачи. Ова откако раководството на Вардар го одби барањето на тетовци за присуство на „Баластите“ на арената во Скопје.

Вардарци се повикуваат на реципроцитет имајќи во предвид дека Шкендија во неколку наврати одбила да ги угости „Комитите“.

Двата тима се дијаметрално позиционирани на табелата, а бодовите се од огромно значење за двете екипи.

Вардарци кои направија големи промени во тимот, ќе се борат за опстанок, а ќе се обидат и да го нападнат трофејот во Купот. Тетовци пак се во трка за титулата со ист број на бодови на првите три позиции со Силекс и Работнички.

Натпреварот Вардар – Шкендија како и останатите од 19.коло на ПМФЛ ќе се играат во недела од 14 часот.