Трите првопласираните екипи во женската плејоф ракометна конкуренција славеа победи на гостински терен.
Во рамките од 3.коло од лидерот на табелата и актуелен шампион Ѓорче Петров гостуваше кај Вардар и забележа убедлива победа со 36:20.
Гостинскиот тим од самиот почеток наметна силно темпо и брзо стигна до водство од 5:1. Вардарки се обидоа да ја намалат негативата и успеаја да се доближат на 9:5, но Ѓорче Петров не дозволи пресврт. Наместо тоа, продолжи да ја зголемува предноста, достигнувајќи +7 (14:7) во 24-тата минута, а на полувремето замина со убедливи 16:7.
Во второто полувреме, Ѓорче Петров рутински ја одржуваше предноста стекната во првиот дел. Вардар се обидуваше да ја намали разликата, но гостите не дозволија никаква неизвесност. Во 46-тата минута резултатот веќе изнесуваше +10 (24:14), а до самиот крај Ѓорче Петров ја контролираше играта и заслужено славеше со конечни 36:20.
Најефикасни од екипата на Ѓорче Петров беа Дежиќ и Мацире со девет погодоци, а кај Вардар Миленковска постигна исто девет гола.
Претходно беа одиграни и останатите два натпревари од плејофот. Металург Автокоманда славеше против Куманово со 22:18, додека Чаир триумфираше над Астибо со убедливи 39:24.
СУПЕР ЛИГА (ЖЕНИ) – ПЛЕЈОФ 3.КОЛО
АСТИБО – ЧАИР 24-39
КУМАНОВО – МЕТАЛУРГ АВТОКОМАНДА 18-22
ВАРДАР – ЃОРЧЕ ПЕТРОВ 20:36
ТАБЕЛА: Ѓорче Петров 7 бодови, Металург Автокоманда 7, Чаир 5, Вардар 1, Куманово 1, Астибо 0.
Ивона Кимовска