Фудбалерите на Реал Мадрид го комплетираа списокот на осум екипи кои останаа да се борат за трофејот во шпанскиот Куп.

Во последниот осминафинален натпревар, Реал пред своите симпатизери во Мадрид ја победи Селта со 5-2 по продолжение (2-2).

„Кралевите“ со головите на Килијан Мбапе (37.минута) и Винициус (48) имаа два гола предност се до 83-тата. А тогаш на сцена стапи Џонатан Бамба кој намали на 2-1. Над истиот фудбалер беше направен пенал кој го реализира Маркос Алонсо за израмнување на 2-2.

Во продолжението резервистите му ја донесоа победата на Реал. Прво во 108.минута кога 18 годишниот Ендрик го постигна третиот гол, а во 111-тата Валверде, со ефектен гол зголеми на 4-2. Конечните 5-2 за „Кралевите“ беа дело на младиот Бразилец, Ендрик во 119-тата минута.

Така Реал им се приклучи на Барселона, Атлетико Мадрид, Валенсија со Столе Димитриевски, Сосиедад, Гетафе, Леганес и Осасуна која го елиминира бранителот на трофејот Атлетик Билбао.

Ждрепката за четвртфиналето ќе се одржи на 20 јануари.