Импресиите од одличниот прв настап на македонските ракометари на Светското првенство не стивнуваат ниту денеска.

Големата борбеност, карактерот кој го покажаа во дуелот со големиот фаворит Унгарија, секако се во преден план. Нема да жалиме за пропуштената шанса, дуелот да го завршиме со победа, напротив, тоа ќе биде мотив повеќе за следните натпревари.

Бравурозниот Никола Митревски на голот со 13 одбрани и феноменалниот капитен Филип Кузмановски со 10-те гола, секако се истакнаа. Но и сите останати кои добија шанса да играат имаа голем удел во новиот лик кој оваа селекција го покажа.

Ракометарите пак немаат многу време за одмор. Тие уште денеска ќе се подготвуваат за новиот предизвик Холандија.

Селекторот Лазаров вчера по натпреварот истакна, дека неговите избраници го дале максимумот од себе и дека е потребно брза рекуперација. За тоа секако ќе биде задолжен одличниот кондициски тренер Баснарков и лекарскиот тим. Лазаров пак со неговите соработници ќе треба да ја подготват тактиката за одличната Холандија која не се ни испоти, а убедливо ја совлада Гвинеја.

Со поддршка на бројната македонска публика во Вараждин, ракометарите веќе утре ќе може да потврдат, дека вчерашниот настап не бил случаен.

Утрешниот натпревар меѓу Македонија и Холандија ќе се игра во терминот од 18 часот.

Во продолжение најважните моменти од вчерашниот дуел Македонија – Унгарија.