Некогаш блиски, а сега на различни страни. Вака стојат односите на релација КК Работнички – Перо Антиќ.

Најтрофејниот клуб вечерва се огласи со соопштение во кое го директно го посочи Антиќ како творец на можноста за нерегуларност на првенството. Ова откако пред два дена, комисијата при федерацијата реши да ја суспендира малата сала на СЦ „Кале“ за играње прволигашки натпревари.

Работнички првиот дел од сезоната го играше во големата сала на СЦ „Кале“ со која стопанисува МКФ. Но откако „пукна тиквата“, Работнички кој со години е без свој дом, се префрли во малата сала „Кале“.

Во продолжение целосно ви го пренесуваме соопштението на КК Работнички.

„Со ова соопштение сакаме да ја запознаеме македонската јавност за актуелните случувања во Македонската кошарка која го допре дното под водство на В.Д. во заминување Перо Антиќ. На собранието на Кошаркарската Федерација на Македонија кое што беше одржано на ден 18.12.2024 г. му беше изгласана недоверба на актуелниот В.Д. со 36 гласа против и само 7 за негово останување.

Се поставува логично прашање, од каде го црпи легитимитетот за функцијата која што ја врши и до кога мисли да ја силува Македонската кошарка?

Да ја потсетиме јавноста дека на претходното собрание кое што беше одржано во март 2023 година, дотичниот беше реизбран на функцијата претседател со помош на своите најблиски роднини и пријатели. Записникот од тоа собрание, долго време се криеше од очите на јавноста бидејќи како што бевме сведоци од медиумите, таму се појавија неговите најблиски како преставници на најголемиот дел од кошаркарските клубови кои што му го продолжија мандатот за нови 4 години.

За фарсата да биде поголема вршителот на должност, мртов ладен, одлучи да ги менува правилата на кошаркарската игра. Тој, во сред сезона, прати инспекција во салите за да констатира дека теренот на малата сала кале во која што од неодамна настапува КК Работнички не ги исполнува условите за игра, односно теренот ги нема соодветните димензии според ФИБА кошаркарските правила.

Го прашуваме нелегитимниот, како до сега салата ги исполнуваше условите според ФИБА стандардите, а веќе не ги исполнува после 13 одиграни кола?

Дали тоа значи дека Македонското кошаркарско првенство е нерегуларно бидејќи веќе се одиграле 13 кола на терен којшто не ги исполнува условите за игра?

Го повикуваме Министерството за спорт на Република Македонија да ја провери регуларноста на Македонското кошаркарско првенство и во иднина да не дозволува на вакви себе прогласени шерифи да ја држат во заложништво Македонската кошарка.