Дерби дуелот од 19.коло во италијанската Серија А меѓу Аталанта и Јувентус заврши „мирољубиво“.

Иако не беше така на теренот во Бергамо, а двата тима ги посакуваа трите бода, сепак Аталанта и Јувентус одиграа 1-1.

Откако во првиот дел мрежите мируваа, а двата тима имаа можност за водство, во второто беа постигнати двата гола.

Поведоа гостите од Торино со погодокот на Пјер Калулу во 54-тата минута. До израмнувањето домаќините чекаа се до 78.минута кога Матео Ретеги го совлада гостинскиот голман Ди Грегорио.

До крајот на натпреварот двата тима имаа големи шанси за втор гол и победа, но резултатот остана не променет. Така по еден освоен бод се чини дека беше најреален исход на овој дуел.

Двата тима останаа на истите позиции на табелата.

Аталанта е трета со 43 бодови колку што има и Интер на второто место, но тимот од Милано има два натпревари помалку одиграно од конкурентите за титулата. Лидер е Наполи со 47, а Јувентус со 34 е петти, веднаш зад Лацио кој има два бода повеќе.