Напорната работа секогаш вродува со плод. Капитенот на машката јуниорска репрезентација, Никола Јаничиќ, доби покана за учество во деветтото издание на кампот „Кошарка без граници“.

Престижниот камп е организиран од НБА и ФИБА во рамки на програма за глобален развој со акцент на подобрување на кошаркарските вештини на младите таленти на возраст до 18 години и промоција на: лидерство, образование, спортски дух и здрав живот, како и пријателство и почит.

Никола Јаничиќ ја започна својата кариера на десет годишна возраст во клубот Водно Санс од Скопје. Седум години подоцна го предводеше националниот тим до 18 години до златниот медал, на Европското првенство (дивизија Б) кое летото што измина се одигра во Скопје.

Тој беше прогласен и за најкорисен играч на првенството (MVP). Годината претходно, беше прогласен за најдобар млад играч од страна на КФСМ за 2023 година.

За 2025 година, предвидено е кампот да се одржи во периодот 14 до 16 февруари, во Сан Франциско, Калифорнија (САД).