По фудбалската, јасно е дека ќе има промени во ракометната, па и кошаркарската федерација на Македонија.
Македонскиот ракомет ќе добие нов предводник на 1 март следната година за кога е закажано годишното Изборно собрание. Управниот одбор на РФМ на денешната седница го закажа изборното собрание, на кое ќе се одбере наследникот на Живко Мукаетов. Сеуште актуелниот претседател, Мукаетов летово најави дека нема да се кандидира (впрочем одработи два мандати).
Како негов наследник се најавува Александар Стефанов.
Првиот човек на РК Бутел, официјално ја поднесе својата кандидатура во трката за претседател, најавија од клубот.
„Иако сум млад по години, сметам дека со искуството и во ракометот стекнато и во РК Бутел и од Управниот Одбор, верувам дека со напорна работа и со соработка со луѓето околу мене ќе дадам придонес за уште поголем напредок во нашиот спорт.Сега сакам акцент да биде на настапот на репрезентација на СП, а потоа ќе откријам повеќе детали за кандидатурата и моите планови“, изјави Стефанов на денешниот состанок на УО на РФМ.