Дербито на 15.коло од Супер лигата заврши со победа на првакот Еурофарм Пелистер со 35:33 (22:13) против Вардар. Битолчани до триумфот стигнаа пред се благодарение на одличните 15 минути во финишот на првиот дел кога буквално ја казнуваа секоја грешка на противникот.
Почетокот на дуелот беше изедначен, а „црвено-црните“ единственото водство го имаа со 2:1. Домашниот тим во првиот налет направи предност од четири голови 8:4 и 9:5. Во следните минути Вардар ги одигра најдобрите моменти на дуелот кога успеа да намали на 10:9. И тука следуваше најдобриот период на домашниот тим – на голот одличен Митревски со неколку одбрани, Кузмановски и Радивојевиќ ја пленеа mрежата на Еспиња и на полувреме беше 22:13.
Негативата од девет голови гостите почнаа да ја анулираат на почетокот на вториот дел (на полувреме пристигнаа и навивачите на Вардар во салата во Битола) на половина од вториот дел предноста за Е.Пелистер беше „само“ три разлика 27:24. Во вториот дел сликата на теренот беше сосема поинаква, а во 52.минута со голот на Горига, Вардар намали на 31:29. Во клучните моменти голманот на Е.Пелистер Митревски откако се врати на голот запиша уште четири одбрани (вкупно 12) со што стави „печат“ на триумфот на првакот.
По 34:32 за домашните Гогов (вкупно 7), одбрани „празна мрежа“ и Вардар преку Јагуриновски намали на 34:33. До крајот Пелистер постигна уште еден гол.
На полувреме битолската публика на теренот фрли стотици „плишани мечиња“ како подарок во хуманитарни цели.
Најефикасен на дербито беше Богдан Радивојевиќ од Е.Пелистер со 13 голови, додека кај Вардар Младен Крсманчиќ постигна 9.
РЕЗУЛТАТИ 15.КОЛО СУПЕР ЛИГА:
Е.ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР 35:33
БИСИНОВ Ф.Л. – ПРОЛЕТ 62 25:25
СТРУГА – МРК КУМАНОВО 29:23
ТИКВЕШ – ОХРИД 26:26
БУТЕЛ – РАДОВИШ 36:21
ПРИЛЕП – АЛКАЛОИД 30:40 (ВЧЕРА)
ТАБЕЛА: Алкалоид 28 бодови, Е.Пелистер 26, Вардар 26, Охрид 23, Бутел 16, Тиквеш 16, Пролет 14, Прилеп 12, МРК Куманово 6, Струга 6, Бисинов 6, Радовиш 1.