Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром, не е на посакуваниот колосек, зацртан пред стартот на сезоната.
Аеродромци, ги загубија шансите за пласман во плејофот на АБА2 лигата. За тоа клубот обвинија „одредени структури“, притоа не наведувајќи кои, а делумно ја прифатија и одговорноста.
Поразот од ТФТ пред четири дена само ја преки чашата исполнета со „гнев“ кај навивачите.
Заминувањето на Баковиќ од тимот доли бензин на „потпалениот оган“. Неофицијално се споменува и заминување на Американецот, Слај!?
Денеска од таборот на аеродромци се обидоа да ја оправдаат кризата и неочекуваните резултати.
Соопштението на МЗТ Скопје А. ви го пренесуваме во целост
Се чувствуваме должни да ги разјасниме сите мистерии, лаги и невистини што излегоа изминативе денови за нашиот клуб, раководство и играчи. Како и секоја друга екипа, така и нашата има искачувања и паѓања.
За жал, за нас падот на формата нè доведе да избришеме една од поставените цели и поради тоа сметаме дека треба да направиме одредени промени во играчкиот кадар, на наше барање, а не како што тоа сака некој да го претстави поради нередовни примања. Ниту еден играч нема да биде над екипата и колективот.Свесни сме дека сме најголем кошаркарски колектив и привлекуваме најголема читаност и внимание, но нема да дозволиме да се шират лаги и невистини околу нас.
Со голема одговорност работиме за продолжување на низата освојување трофеи, како и на финансиската консолидација, каде значително е подобрена ситуацијата, а очекуваме уште од јануари месец целосна стабилизација, подобрување на логистиката, маркетингот, школата и резултатите.
МЗТ Скопје не е маалска екипа која ги брои победите, туку е клуб во кој настапуваат девет репрезентативци кои достоинствено ја претставуваат македонската кошарка – дома и надвор, на теренот и надвор од него.
Поради нечесни игри на одредени структури се случи да испаднеме од АБА2, за што делумно е и наша вината и одговорноста.
Вистинските наши поддржувачи се оние кои и покрај ваквата негативна атмосфера што вештачки се создава околу нашиот клуб, ќе дојдат и ќе дадат поддршка на овие наши момци кои достоинствено го претставуваат клубот и се борат за овој дрес. Клубот не се сака само кога победува, туку и кога резултатите не одат според планираното.Ова раководство, кое е отворено и транспарентно од самиот почеток, се покажа и докажа со правецот во кој се движеше клубот изминативе три сезони и покрај надворешните влијанија и предизвици со кои се соочивме. Спортски им ги честитаме победите на сите клубови, но за разлика од маалските клубови, ние покрај победите ги броиме и трофеите, кои постојано завршуваат во нашите витрини.
Нашиот клуб секогаш бил и ќе остане достоен репрезент на македонската кошарка како на теренот, така и надвор од него.