Во последниот натпревар од 13.коло на Супер лигата вечерва во Кавадарци, ракометарите на Тиквеш во директен дуел за шестото место совладаа тимот на Пролет 62 со 23:19 (14:10). Со овој триумф Тиквеш стигна до 13 бодови, додека Пролет со 11 бодови падна на осмото место.
Почетокот на натпреварот мина во знак на гостинската екипа која имаше минимална предност, а во почетните минути стигна и до 5:3. Потоа следуваше серија од 6-0 за кавадарчани кои го презедоа водството и поведоа со 9:5. До крајот на првиот дел домашната екипа успеа да ја задржи предноста.
По неколку минути игра во вториот дел гостите намалија на 16:14, но брзо следуваше серија на кавадарчани од 5-1 за ново зголемување на водството од 21:15. Ракометарите на Пролет во продолжение успеаја со серија од 4-1 намалија на 22:19, но сепак немаа доволно сили за пресврт.
На чело на табелата се Алкалоид и Вардар со по 24 бодови, а Еурофарм Пелистер е трет со 22 бода. Охрид има 20 бодови.