Македонската тенисерка Лина Ѓорческа со победа го почна настапот на ИТФ фјучрс турнирот во Селва Гардена, Италија што се игра за награден фонд од 40.000 долари. Ѓорческа забележа победа од 2-0 во сетови (61 62) за 65 минути игра.
Македонската тенисерка успеа да освои речиси двојно повеќе поени (60:37) од ривалката Словенката Кристина Новак, а искористи четири од шестте брејк топки, додека ривалката имаше 0/4.
Во првиот сет по 1:1 во гемови, Ѓорческа направи серија од 5-0 и го заврши првиот сет до 6:1, а слична слика беше и во вториот сет кога Новак имаше водство од 1:0 и 2:1 во гемови, а потоа македонската тенисерка имаше уште една серија од четири гема и сетот го заврши со 6:2.
Во следната рунда македонската тенисерка ќе игра против осмата носителка Британката Амарни Бенкс, која во денешниот меч славеше победа полската тенисерка Урсула Радванска со 2-0 во сетови (63 63).