Литванија буди убави сеќавања кога во прашање е македонската кошарка. Најголемиот успех мак-баскетот го направи токму во оваа земја пред 13 години со освојувањето на 4.место на Евробаскетот. Тогаш Македонија не играше во Клаипеда, каде вечерва ќе се сретне со литванската селекција.
Еден од овие кои носат убави спомени од оваа балтичка земја е Војдан Стојановски. Секако дека големиот борец ќе стори се повторно победнички да се врати од Литванија. Но свесен е Војдан дека за тоа да се случи оваа македонска селекција ќе мора да одигра многу подобро отколку на првиот меч во Скопје.
„Знаеме како треба да одиграме, нешто налик на она што го одигравме во оние втори 20.минути од средбата во Скопје.
Очекувам да одиграме квалитетно од првата минута и ќе се обидеме да одржиме ритам во текот на целиот меч, без некои преголеми осцилации.
Она што е од исклучителна важност е скок-играта. Реално е дека не може да очекувате позитивен резултат ако имате дваесетина скокови помалку од противникот. Јасни се проблемите и лимитираноста во играта под рекетот.
Но затоа високите играчи мора да добијат помош и од нас, од играчите од надворешната линија. Односно сите заедно повеќе да учествуваме во таа скок-игра. Ако го оствариме тоа, ќе биде одлично“, изјави Војдан Стојановски.
Со една победа и два порази, македонија е трета на табелата зад Естонија (3-0) и Литванија 2-1, а пред Полска (0-3).
Затоа императив за црвено-жолтите денеска е победа и ништо друго, доколку сакаат да останат во игра за ЕП следната година. Дуелот Литванија – Македонија ќе почне до 18.30 часот, а претходно (17) ќе играат Естонија и Полска.