Без победник 29:29 заврши дуелот од 8.коло од Лигата на шампионите меѓу Еурофарм Пелистер и Фредериција одигран вечерва во Битола. Така македонскиот шампион не успеа да стигне до „дупла“ победа против данскиот тим.

Во текот на натпреварот гостите имаа водство во првиот дел, додека во вториот екипите се менуваа во водство. Ова е втор нерешен резултат за Е.Пелистер на домашен терен оваа сезона, а единствената победа ја постигнаа на гости.

Домашните ракометари дуелот го почнаа во грч и гостите го почнаа натпреварот со минимална предност, која „пелистерци“ постојано ја бркаа откако резултатот беше нерешен само три пати (1:1; 2:2; 4:4). Во следните минути грешките на Е.Пелистер данската екипа ги казнуваше максимално, па во 26.минута беше 14:10 за Фредериција (највисоко водство). Проблемите за македонскиот првак беа надополнети и со тоа што голманите Митревски и Ивиќ првиот дел го завршија со само една одбрана (Ивиќ).

Во вториот дел откако Фредериција повторно дојде до +4 (17:13), ракометарите на Е.Пелистер помогнати од домашната публика почнаа да го намалуваат водството на ривалот. Во 45.минута со голот на Радивојевиќ, Е.Пелистер изедначи на 22:22 прв пат во вториот дел. Три минути подоцна со голот на капитенот Кузмановски, битолчани го имаа и првото водство – 24:23. Во овој период и голманот Митревски имаше неколку успешни интервенции, што даде дополнителен мотив за македонскиот првак. Пелистер испушти шанса за водство од два гола во 51.минута кога седмерецот на Радивојевиќ голманот Фрис го одбрани.

Пелистер пропушти шанса во последниот напад да дојде до победа

При водство од 28:27 за Пелистер, македонскиот тим направи две грешки во напад, а данскиот тим го искористи тоа и поведе со 29:28 во 58.минута. Манасков реализираше седмерец за 29:29 што се покажа како конечен резултат. Пелистер во последната минута го имаше и последниот напад, но немаше реализација за победа.

Најефикасни на дуелот со по 7 голови беа Богдан Радивојевиќ кај Еурофарм Пелистер и Андерс Мартинусен кај Фредериција.

Македонскиот првак со 4 бодови остана на шестото место на табелата во „А“ групата.

Во следното коло Еурофарм Пелистер гостува кај Веспрем во Унгарија.