Машката кошаркарска репрезентација на Македонија ја очекуваат двата најважни дуели во квалификациите за Евробаскетот 2025-та. Двомечот со Литванија може да реши дали Македонија по пауза од 10 години пак ќе игра на Европскиот шампионат.
Отсуството на Димитријевиќ и Шорц, како и повредата на Магдевски, го прави Кристијан Николов прва опција на плејмејкерската позиција.
„Тешко е сега да се прогнозира дали ќе се пласираме на Европското првенство, бидејќи секој натпревар е посебна приказна и не знаеме кој ќе игра, а кој не.
Допрва ќе ги анализираме и Литванците, знам дека и тие нема да бидат комплетни што ќе биде многу тешко за скаутинг, имаат и нов селектор, па ќе видиме што ќе се случи.
На нас останува да дадеме се од себе, на нас е да изгинеме за секоја топка и да покажеме карактер, а останатото веројатно ќе дојде. Знам дека секој од моите соиграчи ќе извади максимум од своите сили и се надевам на позитивен резултат“, изјави Николов.
Првиот натпревар Македонија и Литванија ќе го играат во четвртот во СЦ “Кале“ од 18 часот. Реваншот е в недела во Клаипеда.