Додека фудбалерите ја славеа победата над Фарските Острови првиот човек на ФФМ, Муамед Сијдини се повлече од претседателската функција.
Имено, по завршувањето на натпреварот Сејдини ги информирал играчите дека ќе си поднесе оставка. Тоа се случи на седницата на УО на федерацијата одржана вечерва.
Според информации, до крајот на годинава односно на 22 декември ќе се одржи Вонредното Собрание. Како можен кандидат во фудбалските кругови се споменува името на Масер Омерагиќ.
Во информацијата на ФФМ се вели.
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница ја донесе следната одлука:
– Управниот одбор на ФФМ закажа Вонредно изборно собрание за избор на претседател на Фудбалска федерација на Македонија на 22.12.2024 година;
– На Вонредното изборно Собрание на ФФМ на 22.12.2024 ќе се констатира оставката на актуелниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини и ќе се избере претседател на Фудбалската федерација на Македонија;
Муамед Сејдини – претседател на Фудбалска федерација на Македонија:
“После седум извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
Одлуката е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, после период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал.
Заедно со вас, испишавме златни страници за македонскиот фудбал: историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, второ место во квалификациската група за Светско првенство и незаборавната победа над Италија во Палермо, успесите во Лигата на нации со пласман во Лига Б и реализацијата на бројни инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА.
Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси: фудбалерите, селекторите, клубовите, инвеститорите, администрацијата, членовите на Управниот одбор и секој љубител на фудбалот.
Јас ќе продолжам да ја извршувам својата улога до 22. декември, кога на Вонредно Собрание ќе биде избран мојот наследник.
Со целосна верба во иднината на Федерацијата и македонскиот фудбал, од срце ви благодарам за поддршката и соработката во изминатите години”.
Со почит и благодарност, Муамед Сејдини