Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар ќе има нов, четврти тренер во тековната сезона.
Имено, по синоќешниот пораз од „лутиот“ ривал Пелистер, екипата на Вардар по 13.коло остана „закована“ на дното на прволигашката табела.
Затоа денеска од вардарци поитаа да објават дека Срѓан Захариевски повеќе нема да го предводи црвено-црниот тим.
„Фудбалскиот клуб Вардар ја информира јавноста дека Срѓан Захариевски повеќе нема да ја извршува функцијата шеф на стручен штаб.
Во името на клубот му се заблагодаруваме за целиот ангажман и посветеност со која ги предводеше црвено-црните и му посакуваме многу успех во иднина“,
се вели во информација на ФК Вардар.
Захариевски не успеа да го извлече Вардар од агонијата во која се наоѓа. Но прашањето кое логички само по себе се поставува е, дали е само до тренерите кои го водеа тимот?
Социјалните медиуми се полни со реакции, особено кај навивачите на Вардар, популарните „Комити“. Тие со право бараат одговорност и од раководството на клубот, посочувајќи ги како најголеми виновници за „пресушувањето“ на Вардар.