Кошаркарите на Работнички ќе имаат тешка задача и по третиот натпревар во АБА2 лигата да стигнат до првата победа. Двата порази во оваа конкуренција, како и убедливиот од МЗТ Скопје пред четири дена, се причината за ваквата констатација.
Тимот од „Градски парк“ не импресионира со своите досегашни настапи, а случувањата во и околу клубот, само ја надополнуваа бледата игра.
Работнички денеска пред своите симпатизер ќе треба да се „вади“ во дуелот со екипата на Босна. Но тимот од Сараево покажа дека е исклучително сериозна екипа која има свои амбиции, вели тренерот на Работнички, Горан Самарџиев.
„Играме против пренесениот европски првак Босна која има големи амбиции оваа година во АБА2 Лигата.
Ќе гледаме да ги исправиме грешките од последниот натпревар и максимално да го искористиме домашниот терен.
Ќе ни треба максимално залагање и концентрација 40 минути. Нека победи подобриот“,
изјави Самарџиев.
Натпреварот меѓу Работнички и Босна што ќе се игра во СЦ „Кале“ ќе почне до 18 часот.