Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер ги засили своите редови со уште еден странски ракометар.
Станува збор за кружниот напаѓач на египетската репрезентација, Мохамед Мамдух Шебиб. Тој се обврза на „верност“ кон Еурофарм Пелистер на годинаипол односно до крајот на следната сезона 2025/2026.
Пивотмен Шебиб има големо интернационално искуство. Тој во досегашниот тек на сезоната настапуваше во Кувајт, но во Европа јавноста го запозна како ракометар на Монпелје и Динамо Букурешт.
Со Монпелје ја освои Лигата на шампионите во 2018 година, романското првенство и Куп со Динамо Букурешт, азиската Лига на шампиони, првенството и Купот на Катар со Ал-Џаиш, африканската Лига на шампиони, првенството и Купот на Египет со Замалек и уште многу, многу други трофеи.
35-годишниот Шебиб има речиси 200 настапи за египетската репрезентација, за која настапува петнаесет години. Повеќекратниот шампион на Африка, освојуваше титули насекаде каде што настапуваше во своите клубови: во Египет, Франција, Романија, Катар…
Шебиб ќе биде регистриран за натпреварите на Еурофарм Пелистер во Суперлигата и Лигата на шампионите уште од оваа недела. Неговото претставување е предвидено в петок на 25 октомври.