Требаше да биде натпревар од „пријателски“ карактер, но прерасна во скандалозен меч. Екипите на ТФТ и Чаир во СЦ Кале вечерва играа контролен натпревар како загревање на стартот на новата сезона.

И наместо тренерите и екипите да се фокусираат на подобро воигрување, се случи инцидент.

Дел од симпатизерите на чаирчани го нападнаа капитенот на ТФТ, Енис Нури.

СООПШТЕНИЕ НА КФМ

Македонската кошаркарска федерација ќе ги преземе сите мерки, и ќе изрече соодветни казни за актерите во инцидентот кој се случи вечерва на пријателскиот натпревар помеѓу екипите на ТФТ и Чаир 2030, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, кој беше прекинат од страна на официјалните лица.

За таа цел, согласно со првичните информации, комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, од актерите, односно од претставниците на двата клуба, побара во текот на утрешниот ден да му достават изјави за инцидентот, односно причините за прекинатиот натпревар.

Освен тоа свое видување во писмена форма ќе дадат и официјалните лица (судиите и делегатот на натпреварот), по што ќе бидат донесени соодветни одлуки.

По втор пат за кратко време, во подготвителниот период, пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, екипата на Чаир 2030 е учесник на натпревар во кој се случуваат работи кои немаат ништо заедничко со кошаркарската игра.