Нова победа за ракометарите на Алкалоид откако во втората рунда на домашен терен со пресврт стигнаа до победа над повратникот во Супер лигата Радовиш со 33:23 (11:14). Тренерот на „сините“ Кирил Лазаров, на дел од првотимците од првите два дуела сезонава (вкупно седум) им даде „одмор“ и од трибините го следеа натпреварот.
Лазаров беше „смирен“ во првите 20 минути иако неговите избраници беа во негатива откако поведоа со 1:0, Радовиш дојде до водство од 3:1, а во 24.минута и со 12:6. Во овој период ниту тајм-аутот на Лазаров во 19.минута не даде резултат. Немаше лесен гол, немаше голови во серија за Алкалоид, а гостинскиот голман правеше „чуда“ на голот и првиот дел го заврши со 9 одбрани (имаше вкупно 11). По 13:7 за гостите Лазаров успеа некако да „ги разбуди“ играчите на терен да заиграат одбрана, а потоа стигнаа и неколку „лесни голови“ и на полувреме беше 14:11 за Радовиш.
Во 34.минута Алкалоид изедначи на 15:15, што беше второто изедначување по 1:1. Во следните шест минути се играше „гол за гол“ и во 40.минута беше последното изедначување 20:20. Алкалоид направи серија од 7-0, а во тој период доминираше Благојче Трјковски на голот на Алкалоид, кој на крајот дојде до 10 одбрани и еден гол.
Најефикасен на дуелот беше Здравко Постолов, капитенот на Радовиш со 7 голови, додека Александар Петковски кај Алкалоид постигна 6.