Фудбалерите на Милан конечно ја остварија првата победа во новата сезона на Серија А. По двата нерешени резултати (Торино и Лацио) и поразот од Парма конечно фудбалерите и навивачите на Милан се израдуваа на победа.
Дури во четвртиот натпревар Милан стигна до полн „плен“ освојувајќи ги трите бодови во дуелот со Венеција.
Пред своите симпатизери црвено-црните ја „потопија“ Венеција совладувајќи ја со 4-0.
Уште во првиот дел беше јасно дека гостите нема што да бараат на овој натпревар, а домаќините веќе постигнаа четири голови.
Тео Хернандез во втората минута го отвори резултатот, а во 16-тата Габиа зголеми на 2-0. Следуваа два пенали за Милан, кои ги реализираа Пулишиќ (25) и Абрахам (29) за 4-0. Тоа подоцна се покажа како конечен резултат иако гостите постигнаа гол кој беше поништен.
Во следното коло Милан го очекува големото градско дерби со актуелниот шампион Интер кој утре и гостува на Монца.