Најдобрата македонска фудбалска репрезентација е во Торшавн, каде утре ќе го игра првиот натпревар во Лигата на нациите. Новото издание во ова натпреварување Македонија ќе го почне со дуелот против Фарските Острови.
Македонија ќе ја има улогата на фаворит и се очекува да стартува со победа. За тоа потребно е напаѓачите да ги користат максимално своите шанси, а не како што тоа беше случај на пријателските натпревари.
Најмногу секако се очекува од Бојан Миовски новиот фудбалер на шпанската Џирона, кој лани во дресот на шкотски Абердин беше неумолив.
„Завршија пријателските и некои квалификациски натпревари на кои велевме дека ќе се воигрувавме, а сега ни се важни бодовите и да се квалификуваме на големо натпреварување.
Во добра група сме во која сме фаворити. Мислам дека сите сме спремни, од прв до последен и сакаме од Фарски да тргнеме со три бода.
Фарските острови се аутсајдери но, сепак, треба да ги сватиме сериозно и доколку бидеме на висина на задачата мислиме дека ќе победиме. Имаме своја стратегија и ќе се обидеме да одиграме тимски и се надевам дека ќе го отвориме резултатот што побргу и натаму ќе ни биде полесно“,изјави Миовски.
Македонските фудбалери и вечерва ќе одработат тренинг на теренот на стадионот во Торшавн, каде утре 15 часот ќе стартува натпреварот.