Ракометарите на Алкалоид се освојувачи на Супер купот на Македонија. Во својата кратка историја, тимот од скопска Автокоманда го освои својот втор трофеј.
Откако во мај месец во финалето на Купот го победи Еурофарм Пелистер, сега во дуелот со Суперкуп трофејот повторно беше подобар од шампионот.
На натпреварот одигран вечерва во Гевгелија, Алкалоид го победи Еурофарм Пелистер со 33-30.
Алкалоид беше тимот кој прв направи два гола предност во деветтата минута. Пелистерци со низа од три ја вратија предноста во своја полза во 13-тата минута (7-6). Но тимот од Автокоманда со нова мини серија во 19-минута поведе +3 (11-8). Тука избраниците на Лазаров не застанаа и веќе во 24-минута имаа четири разлика 15-10.
Во 26-тата минута Филип Кузмановски поради неспортски потег (удирање со лакт) заработи црвен картон што дополнително ја отежна работата на шампионот. На полувремето Алкалоид замина со пет предност 19-14.
Во вториот дел битолскиот тим заигра многу поагресивно во одбраната. Тоа донесе резултат и Пелистер дојде до два негатива (20-22). Сепак тоа беше се што стори шампионот, кој немаше сили да му се спротивстави на расположениот противник. Алкалоид на крајот заслужено славеше со 33-30.
Најефикасен во победничката екипа беше Никола Костески со 8 голови, додека Марко Кизиќ имаше 14 одбрани (9 во прво полувреме).
Новата сезона стартува претстојниот викенд, а во првото коло веднаш дерби.
Во Автокоманда (недела), Алкалоид ќе го пречека вицепрвакот Вардар. Шампионот Еурофарм Пелистер ќе гостува во Кавадарци кај Тиквеш.