Кадетската ракометна репрезентација на Македонија со победа од 26:24 против Грција го заврши настапот на Европското првенство за ракометари до 18 години што се игра во Подгорица, Црна Гора. Во дуелот за 19.то место македонските ракометари ја совладаа Грција со 26:24 (12:9) што воедно беше и реванш за поразот во групата од втората фаза од првенството.

Македонија од самиот почеток имаше предност која успеваше да ја зачува и во текот на целиот натпревар. На полувреме македонските ракометари водеа со 12:9, а во вториот дел водството стигна и до 16:10.

Сепак во продолжението противникот успеа да внесе неизвесност во натпреварот, но стигна само до еден негатива (25:24 за Македонија).

Најефикасен на дуелот беше Марко Димовски со 11 голови, а беше прогласен и за МВП на натпреварот, додека голманот Ѓорѓи Николовски имаше 10 одбрани.

На шампионатот Македонија забележа две победи Украина и Грција, а беше поразена од Франција, Германија, Полска (во групата) и потоа од Грција и Изреал во разигрувањето.