Македонскиот вице кошаркарски првак, битолски Пелистер ги почна подготовките за новата сезона. Новиот тренер Александар Петровиќ, заедно со стручниот штаб ја имаа првата прозивка.
Со неколкуте нови имиња во тимот, целта на пелистерци и годинава ќе биде атак на првиот трофеј во мак-баскетот. Воедно зелено-белите ќе се обидат да одиграат најдобро што можат и во регионалната АБА2 лига, како еден од тројцата македонски претставници.
Како што информираше спортскиот директор Марјан Илиевски, тимот базичните подготовки ќе ги одработи во Битола, се до крајот на август месец. Веќе во септември и тоа на 1-ви, закажана е првата во низа контролни средби. Пелистер ќе одигра пријателски натпревар со бугарскиот Рилски спортист во Самоков.
Во текот на подготвителниот период, ќе бидат одиграни уште неколку контролни натпревари, како пелистерци би биле подготвени за стартот на новата сезона во октомври месец.
Во тимот се ангажирани нови имиња меѓу кои Србинот, Анрија Бојиќ, Американецот, Брајан Антоан, како и неколкумина македонски кошаркари. Покрај повратниците во екипата, Стаиќ и Ташовски, нови играчи се Димитар Пандев и младинскиот репрезентативец Петар Бошалевски.