Македонските олимпијци се веќе втор ден се во Париз очекувајќи го својот настап на Олимписките игри.
Дел од нив веќе се „запознаа“ со спортските борилишта и ги одработија првите тренинзи. Атлетичарот Дарио Ивановски веќе подолго време е во Франција и се подготвува за маратонската трка. Иако тој последен од македонските спортисти ќе настапи на Олимпијадата, сепак, за Дарио нема време за разгледување во убавините на француската престолнина.
Неговиот тренер Игор Јакимовски, само потсети дека целта на Дарио е достојно и гордо да ја претстави Македонија.
„Нашето присуство во Париз и чест да ја претставуваме нашата Македонија е голема обврска и професионален пристап кон овој огромен предизвик за нас.
Денес беа одработени два ‘фул’ тренинзи, наместо шетање и уживање во олимписките благодети.
Всушност Дарио и затоа успеа во својата професионална кариера да биде врвен и конкурентен спортист на големите меѓународни собири“, напиша Јакимовски.
Дарио Ивановски заедно со Милјана Рељиќ ќе бидат предводници, знаменосци, на македонската делегација, на отворањето закажано за утревечер.
Дариот ќе настапи на 10 август, за кога е закажана олимписката маратонска трка.