Симона Василева потпиша договор со клубот Груде во Босна и Херцеговина. За 22-годишната ракометарка ова е прв интернационален предизвик. Таа е ракометарка која може да игра на сите бековски позиции.
Василева потекнува од школата на Металург, со кој ги мина младинските натпреварувања.
Две години играше во ЖРК Сартак, каде одлично ја водеше екипата како капитен. Во 2021 година, потпиша две годишен договор со Ѓорче Петров, со кој го освоија првото место во женската Супер лига.
Симона претходната сезона беше дел од тимот на Вардар каде се покажа во одлично светло.
,,Со екипата на Вардар имав убаво искуство научив многу работи и сум многу благодарна на тренерите, стручниот штаб и целата екипа и им посакувам успех во следнава сезона“, посочи Симона.
Екипата на Груде претходната сезона ја освои титулата во домашната лига како и второ место на Купот на Босна и Херцеговина. Груде исто така ќе се натпреварува и во Европскиот Куп каде во второто коло за противник го имаат тимот на Атиенеу од Кипар.
,,Моите очекувања се освојување на првото место во домашната лига и постигнување поголем успех во Лига Европа од досегашниот.
Потпишувањето на договор со нов клуб за мене значи голем предизвик и шанса за понатамошен успех.
Верувам дека со посветеност и тимска работа, овие цели се целосно достижни“,
изјави Василева.
Ивона Кимовска