Репрезентацијата на Аргентина ја освои својата 16-тата титула во Копа Америка откако во финалниот натпревар ја совлада Колумбија. Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Лаутаро Мартинез во второто продолжение.
Дуелот во Мајами почна со доцнење од 75.минути бидејќи огромен број на навивачи се обидоа да влезат без карти.
По 90 минути игра немаше голови, а особено за паметење е 66-тата минута кога Лионел Меси беше принуден да ја напушти играта поради повреда. Најдобриот аргентински играч не можеше да ги задржи солзите од тага.
Единствениот гол на дуелот беше постигнат во 112. минута. Тоа беше одлична комбинација на Гаучосите кога Џовани Ло Селсо го проигра Лаутаро Мартинез. Тој со својот пети гол на турнирот и ја донесе титулата на Аргентина.
Со тоа беше прекината низата на Колумбија која 2 години и 5 месеци немаше пораз се од 2 февруари 2022 година од дуелот со истиот противник.
Синоќешното финале беше 145-тиот натпревар за Анхел Ди Марија кој се прости од националниот дрес.