Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го загуби финалниот меч на ИТФ фјучрсот W75 Рим што се играше за награден фонд од 60.000 долари. Таа во финалето за 101 минута игра загуби од Русиката Оксана Селехметева со 2-0 во сетови (6-1 и 7-6(3)).
За пласманот во финалето нашата тенисерка ќе освои 49 поени. Ова воедно беше и настап во финале за Ѓорческа на турнир од највисока категорија во нејзината кариера во поединечна конкуренција.
За Ѓорческа ова беше второто финале во 2024 година (втор пораз), додека во кариерата го играше 35.то финале и остана со 13 турнирски победи.
На почетокот на мечот Ѓорческа стартуваше со брејк и водство од 1:0 во гемови. Сепак противничката ги користеше своите моменти и дојде до предност од 2:1. Во четвртиот гем се водеше голема борба и по 16 одиграни поени, Селехметева го доби гемот за водство до 3:1. Со тоа Русинката си отвори пат за освојување на првиот сет што заврши со резултат 6:1.
Вториот сет беше резултатски неизвесен. Повторно Ѓорческа поведе со 1:0, а до шестиот гем тенисерките го освојуваа свој сервис. Првиот брејк го направи Русинката и поведе со 4:3, но веднаш следуваше ри-брејк на Ѓорческа за 4:4. Без нов брејк значеше дека сетот ќе се решава во „13-та игра“ (тај брек). По 2:2 на поени Селехметева имаше серија од три поени за водство од 5:2. До крајот ја зачува предноста и го доби тај брекот со 7:3 на поени, а сетот со 7:6 и мечот со 2-0.
Во мечот Ѓорческа имаше два аса, а ривалката еден, која имаше и една двојна грешка, а македонската тенисерка 7. Ѓорческа искористи две брејк топки од три можности, а Селехметева 4/11. Нашата тенисерка имаше само 11 освоени поени на втор сервис (37%), додека ривалката имаше 17 (68%).
Ѓорческа ја очекува скок на ВТА листата. Откако ќе и бидат впишани поените од овој турнир и поени за настапот во квалификациите на Вимблдон.
Најдобрата македонска тенисерка од понеделник ќе има настап на турнир во Порто од истиот ранг – W75 Porto.