Одличните настапи годинава кои се продолжение на успешните настапи од ланската сезона донесоа големо признание за младата македонска тенисерка Сара Митевска. Таа доби покана да биде дел од ИТФ/Tennis Europe тимот до 14 години.

Тоа претставува еден вид работа на Tennis Europe со ИТФ со акцент на работата со младите тенисери и тенисерки, кои постигнуваат успешни резултати. Самото присуство на македонската тенисерка заедно со најдобрите од Европа на таа возраст, е знак за нејзината успешна работа.

Митевска ќе биде заедно со уште неколку тенисерки и тенисери од повеќе држави од Европа кои се на иста возраст, а покрај тренинзите ќе имаат настапи на турнири во периодот од крајот на месец јули до крајот на август. Турнирите се од исклучително висок ранг во младинските категории.

  • Tennis Europe турнир од Супер Категорија, Дурен, Германија – 29 Јули до 4 Август 2024
  • ИТФ турнир Ј60, Шифланге, Луксембург – 5-11 Август 2024
  • Tennis Europe турнир од 1ва категорија, Рутесхеим, Германија – 12-18 Август 2024
  • Tennis Europe турнир од 1ва категорија, Аликанте, Шпанија – 19-25 Август 2024

Инаку, Митевска оваа година има победа на Југ Опен, а финалистка беше на турнир во Бургас и финале играше на турнир во Грција за тенисерки до 16 години. Таа заедно со македонскиот национален тим беше и на Развојниот шампионат што во март месец годинава се одржа во Анталија, Турција каде го освои второто место на првиот турнир и најави дека ИТФ и Tennis Europe ќе го следат нејзиниот развој.

Инаку, нашата федерација долги години учествува во овој Развојниот шампионат што претставува исклучитено важен проект за Македонија. Голем е бројот на македонски тенисери и тенисерки што биле дел од овој проект како и од други организирани од страна на ITF и Tennis Europe.