Шестиот натпреварувачки ден на ЕУРО 2024-та, значи и старт на втората рунда во групната фаза.
Денот ќе биде отворен со дуелот на „губитниците“ во така-наречаната „група на смртта“.
Селекциите на Хрватска и Албанија ги загубија првите натпревари, па сега простор за калкулации нема. Доколку сакаат да се вбројат барем меѓу оние шест најдобро трето пласирани селекции, на двете репрезентации потребна им е победа.
Хрватите во првата рунда беа целосно надиграни против Шпанија. „Црвената фурија“ веќе ја заврши работата со три гола во првото полувреме. Лошата реализација на „коцкестите“ го загрижува нивниот селектор Златко Даличќ. Згора на тоа, тој не ќе може да смета и на Никола Влашиќ за кого Европското првенство е завршено поради повреда.
Албанија спектакуларно го започна дуелот со бранителот на титулата Италија, со рекордниот гол на Бајрами. Но, брзо Албанците се судрија со реалноста, па со примите два гола го загубија натпреварот.
Албанците кои се меѓу аутсајдерите не само во оваа група туку и на шампионатот, во ваква ситуација може само повеќе да добијат отколку да загубат. Затоа пак Хрватите се под огромен притисок, но тие го знаат својот квалитет и имаат поединци кои можат да се справат со тоа.
Инаку, овие две селекции првпат се среќаваат во меѓусебни дуели, пријателски или официјални.
Натпреварот Хрватска – Албанија што ќе се игра во Хамбург, ќе почне во терминот од 15 часот.