Репрезентациите на Хрватска и Албанија одиграа фантастичен натпревар во кој беа постигнати четири гола, а заврши без победник.
На дуелот од 2.коло во „Б“ групата, одигран во Хамбург, Хрватите губеа на полувремето, па беа пред победа, но Албанците извадија „реми“ 2-2.
Студен туш за хрватските фудбалери и навивачи дојде по само 11 минути игра. По центаршутот на Асани на вистинското место беше Лаци кој со глава ја заби топката во мрежата на Ливаковиќ. Од популарните „ватрени“ немаше ниту „В“ во првото полувреме, па Албанците на одмор заслужено заминаа со гол предност.
Во вториот, далеку поангажирана и поопасна беше Хрватска. Таквата игра донесе два брзи гола за „коцкестите“.
Во 74-тата Крамариќ израмни на 1-1, а две минути подоцна Џасула си постигна автогол за водство на Хрватите од 2-1.
Имаа можност Албанците да стигнат но до израмнување во 89-тата минута. Но обидот на Хоџа од далечина Ливаковиќ го одбрани. Затоа во четвртата минута од судиското дополнение, Џасула се извади за автоголот и израмни на 2-2.
Со по еден освоен бод двете селекции тешко дека ќе може да се надеваат на првите две позиции кои директно водат во осминафиналето.
Во последното коло Хрватите ќе играат против Шпанија, а Албанија со Италија. Дербито меѓу европскиот првак Италија и Шпанија ќе се игра утре во Гелзенкирхен