Домаќинот на Европското првенство Германија имаше „пеколен“ старт на шампионатот. Во премиерниот натпревар на ЕУРО 2024 одигран во Минхен, Германците ја совладаа Шкотска со убедливи 5-1.

Се беше јасно уште по првиот дел во кој домашната селекција веќе имаше три гола предност, но и играч повеќе.

Серијата на голови ја отвори Флориан Вирц во 10-тата, а Џамал Мусиала во 19.минута зголеми на 2-0. На третиот гол се чекаше до самиот финиш. Рајан Портеус направи прекршок за пенал и заработи црвен картон, а егзекутор беше Каи Хаверц.

Во вториот дел уште два гола во мрежата на Шкотите. За тоа се погрижија, Никлас Фулкруг (68) и Емре Чан (90+3). Почесниот гол за Шкотска беше дело на Антонио Рудигер кој си постигна автогол.

Во следното, второ коло (19 јуни), Германија ќе игра против Унгарија, а Шкотска со Швајцарија.

Својот меч од првата рунда Швајцарија и Унгарија ќе го играат утре од 15 часот во Келн.

За утре закажани се и двата натпревари од 1.коло во „Б“ групата.