Фудбалската федерација на Македонија со нов тригодишен договор ја продолжува соработката со Комерцијална Банка.
Со оваа соработка ќе се обезбеди поддршка за развој и успеси на македонскиот фудбал, истакнуваат од федерацијата.
Водени од мотото „Полесно е заедно да стигнеме до нови успеси“, од Комерцијална банка веруваат дека со поддршка ќе се обезбедат подобри услови, поголеми успеси и нови победи за македонскиот фудбал.
„Фудбалот носи магија во себе која обединува, која и невозможното го прави возможно, која се бори за победа и верува во успехот. И сето тоа вреди, не само за играчите кои живеат за фудбалот, туку и за навивачите, но и за општеството кое сака да се радува на заедничките успеси и победи.
Фудбалот е тимска игра и фудбалерите најдобро знаат дека многу е полесно заедно да стигнат до посакуваната победа.
Ние во Комерцијална банка исто така веруваме во заедничкиот успех и сакаме заедно да стигнеме до многу посакувани победи“,
истакна д-р Никола Џамбазовски, Главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
Комерцијална банка стана пријател на мак-фудбалот во 2021 година, пред учество на Македонија на ЕУРО 2020. Во изминатите три години обезбеди значајна финансиска поддршка за фудбалските репрезентации и за негување на фудбалот.
Во името на репрезентативците од најдобрата машката репрезентација благодарност изрази Столе Димитриевски.
„На сите нас ни е драго што партнер како Комерцијална банка останува со семејството на македонската фудбалска репрезентација.
Ова партнерство е повеќе од само спонзорство, тоа е посветеност на тимска работа и заеднички вредности.
Како фудбалер, ја знам важноста да се има силна поддршка и на теренот и надвор од него.
Со Комерцијална банка покрај нас уверени сме дека ќе ги постигнеме нашите цели. Нивната посветеност на спортот и здравите општествени навики совршено се усогласува со нашата мисија“,
порача Димитриевски.