Двајца македонски тенисери денеска имаа настап на ИТФ фјучрсот М25 Куршумлијска Бања. Шендрит Деари успешно ги мина квалификациите и во финалето забележа победа со која избори пласман на главниот турнир, додека Горазд Србљак го загуби мечот од првото коло од третиот носител.

Деари на теренот мина 2 часа и 28 минути за триумф во финалето од квалификациите против Марко Месаровиќ од САД. Тој победи со 2-1 во сетови (6:7(12), 6:4, 10-6 на поени), а биланост на освоени поени беше 98:89 за Деари. Во првиот сет Месаровиќ го направи првиот брејк за водство до 3:2, но Деари веднаш имаше ри-брејк за 3:3. До крајот на сетот немаше брејк па сетот се решаваше во тај брејкот. Деари поведе со 5:2 во поени, а потоа имаше и три сет топки при (6:5; 7:6 и 9:8), но првиот сет му припадна на ривалот со 14:12 во тај брејкот. Во вториот сет веднаш на почетокот Деари поведе со 2:0 во гемови со еден брејк, а потоа имаше и водство од 5:2 по вториот брејк, но противникот успеа да намали на 5:4, за Деари да го освои 10.гем и да изедначи на 1:1 во сетови. Во решевачниот сет на поени, Месаровиќ имаше водство од 5:3 и 6:4 на поени, по што следеше серијата од шест поени на Деари за 10:6 и победа во мечот.

Инаку, Деари во првото квалификациско коло го победи Раул Рокита Гарсија од Бразил со 2-0 во сетови (6:1, 6:1), а во второто беше подобар од Радослав Шандаров од Бугарија со 2-0 во сетови (7:6(3), 6:2). Во првото коло на главниот турнир утре Деари ќе игра против Ромео Хаџимехмедовиќ од Србија (19 години, 1269.место АТП).

Горазд Србљак оваа недела како директен учесник на турнирот во првото коло за ривал го имаше третиот носител Мартин Павелски од Полска и загуби со 2-0 во сетови (6:2 7:6(3)) за 1 час и 46 минути игра. Во првиот сет Полјакот Павелски ја искористи предноста на двата брејка и по 1:0 за Србљак направи серија од пет гема за водство од 5:1 што беше клучно за водство од 1:0 во сетови. Во вториот сет имаше повеќе неизвесност. Србљак постојано водеше со гем предност, а во 12.тиот гем имаше и две сет топки (на сервис на противникот резултатот беше 15/40), откако изедначи на 6:6 Павелски во тај брејкот беше сигурен и го доби со 7:3 на поени.

Србљак претходната недела на турнир во Куршумлијска Бања беше четвртфиналист, а следната недела го очекува нов настап.