Сабота ден за финалните мечеви на Македонија Опен. За финалниот меч се изборија искусниот полски тенисер Камил Мајхчак (28 години), кој се наоѓа на 351.место на АТП листа, а негов ривал ќе биде Жоел Шварцлер од Австрија (18.години) – 664.место на АТП листа.
Мајхчак најдобриот пласман го имал на 75.место (28.02.2022 година), а во моментов е трет по ранг тенисер од Полска на АТП листата. На Челинџер турнирот во Скопје дојде со одлична серија настапи и од таа причина го подобрува пласманот последните недели.
Годинава веќе има четири турнирски победи. Еден триумф на Челинџерот во Кигали и три победи на фјучрс турнири: – Шарм Ел Шеик М25, Хамамет М25 и Монастир М15, аима едно полуфинале во Кигали 2.
Австрискиот тенисер пак е најдобриот јуниор во моментов, а воедно се наоѓа на 664.место на АТП листата што е негов најдобар ранг во кариерата. Притоа има освоено досега 48 поени (ако победи ќе освои 75 и ќе направи огромен скок).
Шварцлер оваа година најдобрите резултати ги има: финале на ИТФ турнир Анталија М15, како два настапи во четвртфиналето на Челинџер турнири во Маутхаусен и Талахасе.
Негов тренер е познатиот австриски тенисер Јирген Мелцер (полуфиналист на Ролан Гарос во 2010 година) кој во својата кариера најдобар пласман беше на шестото место.
Во финалето во двојки Американците Рајан Сигерман (24 години) и Патрик Трак (25 години) ќе играат против тенисерите од Чешка Ендрју Поулсон (22 години) и Патрик Рикл (25 години).
Американскиот дубл во моментов е подобро рангиран, а и воигран од причина што заедно играат од почетокот на оваа година. Трак се наоѓа на 116место АТП (двојки) со 754 поени и го има најдобриот пласман во кариерата во двојки.
Истото важи и за неговиот колега Сигерман, кој е на 117.место – 748 поени, а беше и полуфиналист во поединечна конкуренција во Скопје. Американците оваа година имаат три победи на Челинџер турнири (два во Индијан Велс и еден во Мексико Сити, а беа учесници и на Мастерсот во Индијан Велс.
Чешката комбинација Поулсен и Рикл заедно имаат победа лани на Челинџер турнир во Ортиеси.
Поулсен во моментов со 527 поени е на 156.место, а најдобриот ранг го имал лани во септември кога бил на 123.место. Рикл во моментов го има најдобриот ранг на 160.место. Двајцата со сонародниците Мајкл Врбенски и Петр Ноуза имаат неколку победи на челинџер турнири. Инаку, Поулсен минатата година триумфираше заедно со Ноуза на Челинџерот во Скопје.
Победникот во поединечна конкуренција ќе освои 75 поени, а финалистот 44.
Почетокот на финалните мечеви е во 11 часот и први на програмата се финалистите во двојки. Веднаш по завршувањето е финалето во сингл.
Влезот на Централниот терен на ТК Југ е бесплатен.