Актуелниот освојувач на Купот на Македонија екипата на Алкалоид постигна победа во дуелот од 13.коло од Супер лигата – плеј оф против тимот на Бутел со 27:21 (11:11). Избраниците на Кирил Лазаров се измачија додека го „скршат“ отпорот на незгодната екипа на Бутел и со победа се простија сезонава од домашната публика.
Во првиот дел ниту една екипа немаше поголема предност од еден гол, а тоа значи дека резултатот беше нерешен 11 пати. За се да биде идентично по првите 15:15, се погрижија играчите на двата тима, кои имаа по две исклучувања (екипно) и по еден нереализран седмерец. Единствено голманот на Бутел Бојан Блажевски имаше 7 одбрани, а Иван Галевски кај Алкалоид – 5.
Резултатот беше нерешен до 38.минута (15:15) по што следуваше серија од 5-0 за Алкалоид, а подоцна домашните ракометари имаа и уште една серија од 4-0 за највисоки +8 (26:18). До крајот на дуелот Бутел само го ублажи поразот.
Најефикасен на дуелот беше Владимир Јефтиќ (Бутел) со 8 голови, додека кај Алкалоид Дамјан Митев постигна 6.
Во последното коло Алкалоид гостува во Битола кај првакот Еурофарм Пелистер, додека Бутел е домаќин на Вардар.
На чело на табелата е Е.Пелистер со 38 бодови, Вардар има 33, Алкалоид 30, Охрид 26, Тиквеш 22, Бутел 10, Пролет 6, Струга 0.