Ракометните возбудувања на домашната сцена продолжуваат со завршницата на Купот на Македонија, а во финалето и борбата за првиот трофеј оваа сезона ќе играат актуелниот првак Еурофарм Пелистер и вицешампионот Алкалоид.

Битолчани во оваа сезона влегоа со големи амбиции пред се за освојување на двојната круна, а сега се на чекор до првиот трофеј и од тоа ги дели само еден натпревар. Но, така секако не размислуваат во таборот на Алкалоид кои со истите мисли ќе влезат во финалниот натпревар – уште една победа до првиот трофеј во клупската историја. Е.Пелистер пак посакува и освојување на Куп пехарот по пауза од 19 години или последниот го освоија во 2005 година, кога имаа двојна круна.

Финалистите сезонава одиграа еден натпревар и во салата во Автокоманда победа од 35:25 славеа ракометарите на Е.Пелистер, додека вториот дуел е на програмата во последното коло од шампионатот.

Во полуфиналните дуели Е.Пелистер на периоди имаше проблеми со амбициозниот тим на Тиквеш, но сепак славеше победа со 33:29, додека Алкалоид во драматична завршница славеше минимална победа од 25:24 против ланскиот освојувач на купот Вардар со одбраната на седмерец на голманот Иван Галевски во последната секунда.

Продажната цена на блок дневните влезници е 200 денари.

Почетокот на натпреварот е во 19 часот, а официјални лица се Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски (судии) и Драган Начевски и Ацо Николовски (делегати).