Екипите на Ѓорче Петров и Чаир ќе се борат за трофејот во ракометниот Куп на Македонија во женска конкуренција. Ова е исходот по денешниот втор полуфинален меч во кој Чаир го победи Вардар.
На завршницата што се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ракометарките на Чаир ги поразија ланските финалистки вардарки со 32-28.
Првите десетина минути минаа рамноправно, па затоа и резултатот беше израмнет 5-5. Следуваа минути на подобра игра на Чаир кој направо низа од пет гола и поведе до 10-5. Пред крајот на полувремето вардарки успеаја да стигнат до израмнување (13-13), но на одмор имаа гол негатива (13-14). Во вториот дел, екипата на Чаир постојано ја одржуваше предноста, која повторно во финишот дојде до пет гола. Вардарки немаа сини ниту време за нов „кам-бек“ па Чаир славеше со конечни 32-28.
Љеонора Рахмани со 8 голови беше најефикасната ракометарка во победничката екипа за која Амела Џакмиќ постигна шест. Во редовите на Вардар прв стрелец беше Симона Василева со 7 гола, а еден помалку постигна Борјана Коцева.
Така Чаир во недела од 16 часот во женското финале на пехарот во Купот ќе се бори со Ѓорче Петров. Потсетување дека актуелниот шампион, вчера во првото полуфинале го совлада минатогодишниот победник во купот, тимот на Куманово.
Прв финалист кај мажите е Еурофарм Пелистер кој беше подобар од Тиквеш вчеравечер. Кој ќе биде противник на битолчани во неделното финале ќе дознаеме вечерва. За место во финалето (од 19.30 часот) ќе се борат бранителот на трофејот Вардар и актуелниот вицепрвак Алкалоид.